23 May 2012

Зошто Јакимовски ја продава општинската зграда?



Општината Карпош и Стевчо Јакимовски распишаа скандалозен оглас за продажба на новата општинска зграда.

Овој оглас ги потврдува сите наши сомневања дека се работи за однапред договорена зделка, зад која се кријат некакви лични и приватни бизнис интереси.

Имено според условите кои ги диктира општината Карпош и Јакимовски, услов да се учествува во надавањето за овој објект е заинтересираните купувачи да учествуваат со депозит од 20% од почетната проценета цена на објектот. Ако се има во предвид дека почетната цена е 2.670 000 евра, значи дека секој кој сака да учествува во самото надавање ќе треба да уплати цели 534 илјади евра како депозит.

Значи 534 илјади евра само да се учествува во надавањето. Би било добро Јакимовски да одговори која е таа фирма која ќе даде 534 илјади евра, само за да учествува на тендер, освен ако однапред не е познат купувачот на овој објект?

Исто така рокот во кој треба потенцијалните купувачи да ги достават понудите е прекраток односно до 7 јуни. Значи тоа е периодот во кој една сериозна компанија треба да направи анализа, план и идејно решение за да се одлучи да инвестира во овој објект. Но, факт е дека не постои голема компанија која ќе донесе одлука за голема инвестиција во волку кус рок.

Оттука совршено јасно е дека нешто големо се крие зад оваа одлука за раскрчмување на општинскиот имот. Нашите сомневања се дека овој оглас е само параван со кој треба да се задоволат законските обврски и однапред се знае купувачот на овој објект. Затоа е и брзата и нетранспарентна одлука на Јакимовски за продажба на овој општински имот, направен со парите на сите граѓани на Карпош.

Јакимовски е должен да одговори:

Зошто само на десет месеци пред истекот на неговиот мандат се решава на продажба на овој општински имот?

Кој вистински стои зад ваквата бизнис зделка - дали се работи за долг на Јакимовски спрема некој негов бизнис пријател или треба да се наполни партиската каса на СДСМ пред локалните избори?

Зошто Стевчо Јакимовски и покрај очигледното противење на граѓаните не се откажува од скапите караоке забави, а прибира пари за испразнетата општинска каса, со продажба на нова општинска зграда?

Стевчо Јакимовски треба да престане да тргува со имотот на сите граѓани. Треба да излезе и лично да одговори на овие прашања. Очекуваме одговори!