16 March 2013

Интервју за Скопјеинфо

Скопјеинфо: Кој е Сашо Лазаровски, приватно и службено?

Сашо Лазаровски е пред се татко и сопруг, човек на кој семејството му е најважното нешто во животот! Сашо Лазаровски е човек кој во животот напредувал скала по скала, чекор по чекор, човек кој со својот труд и знаење успеал да стигне таму каде што е во моментов. Јас сум спортист, човек кој потекнува од спортско семејство. Мојата мајка беше тренер по пливање, а мојот брат во две наврати ги бранеше боите на Македонија на олимписките игри. Јас лично по завршувањето на спортската кариера бев потпретседател на Ватерполо федерацијата на Република Македонија.

Скопјеинфо: Во моментов сте заменик Министер за локална самоуправа на Република Македонија и носител на советничката листа на ВМРО ДПМНЕ во Општина Карпош, кои се Вашите планови за Карпош?

Точно, јас во моментов сум заменик Министер за локална самоупава на Република Македонија, сепак јас сум човек кој потекнува од Карпош, човек кој сака децата да му растат во Карпош, но во Карпош кој ќе биде модерен, урбан, но и пријатен и мирен за живеење. За разлика од против кандидатите на г-ѓа Јагнула Куновска, г-динот Стевчо Јакимовски и г-динот Андреј Петров кои во дадени моменти од својата кариера кога им беше понудено да добијат повисока функција ја напуштија општината, јас доаѓам овде за да го вложам сето мое знаење и енергија за Карпош да стане подобра, помодерна и поурбана општина за живеење. Мене лично, ми е огромно задоволство и чест што јас сум носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Карпош, листа која е составена од луѓе кои во својот живот се докажале во своето делуваање како на професионално така и на приватно поле.

Скопјеинфо: Вие сте млад човек, што беше клучно за прифаќање на овие неколку сериозни политички функции?

Јас својата кариера ја започнав како референт во Град Скопје уште во 2005 година, потоа бев помошник директор во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, па економски промотор на Република Македонија во Република Бугарија, директор на ЈП Водовод и канализација за да дојдам на оваа позиција каде што сум денес, заменик Министер за локална самоуправа на Република Македонија. Извршував и повеќе партиски функции, бев претседател на Унијата на Млади Сили на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, претседател на Општинскиот Комитет Карпош, потсекретар на ВМРО-ДПМНЕ за изборната единица 1. Сите мои функции досега сум ги исполнувал одговорно и професионално се со цел моето знаење и енергија да ги вложам за нашата земја да ја направам подобро место за живеење онака како што јас ја замислувам, Македонија како лидер во регионот, земја дел од НАТО и Европската Унија, со ниска стапка на невработеност со одлична инфраструктурна поврзаност со соседите и  регионот! Ова можеби звучи како излитена фраза, сепак јас сум семеен човек, човек кој сака децата да му растат во една поинаква Македонија од онаа транзициската во која јас ја поминав својата младост.

Скопјеинфо: Што досега направи ВМРО ДПМНЕ за Општина Карпош преку централна власт?

ВМРО-ДПМНЕ до сега преку Владата на Република Македонија и Градот Скопје направи многу. Морам да напоменам дека во периодот од 2008 до 2012 година Владата и Градот во Општина Карпош имаат инвестирано 844.671.660 денари или околу 13 милиони и 750 илјади евра. Проширени и реконструирани се булеварите Митрополит Теодосиј Гологанов и Илинден, а со проширувањето ќе се продолжи и понатаму. Инвестирано е во реконструкција на средните училишта, се инвестираше и во нова ролерско-велосипетска патека на левата страна на реката Вардар, како и во голем број на тениски игралишта и спортски објекти. ЈП Водовод и канализација континуирано работи во промена на водоводната и канализациона мрежа во речиси сите делови на општината. Тука е и спортскиот центар Борис Трајковски кој претставува гордоста на сите граѓани на Скопје. Реконструиран е базенот Карпош кој денес е дел од СЦ Борис Трајковски, изграден е терен за хокеј а во склоп на истиот во изградба е и најмодерен аква парк. Тука е и вештачката карпа на кејот кај скејт паркот.

Скопјеинфо: Зошто Јагнула Куновска за Карпош, а не Стевчо Јакимовски или Андреј Петров?

Г-ѓа Јагнула Куновска е човек со огромно професионално искуство. Таа е жена која во својот живот обавувала повеќе значајни функции, мудра, решителна, упорна, отворена, блиска до народот, а сепак вистински лидер. Еден од нејзините противкандидати кажа дека можеби таа е престара за функцијата, а истиот тој односно неговата политичка партија во континуитет обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ постојано поставува кадри кои се премногу млади да ги извршуваат функциите за кои се назначени. Јас сум уверен дека г-ѓа Куновска е вистинскиот избор за Карпош.

Скопјеинфо: Ви се допаѓа ли Скопје? Што мислите за ликот на Скопје кој секојдневно се менува?

Скопје од ден на ден се повеќе заликува на вистинска европска метропола. Претходно центарот на Скопје имаше еден голем плоштад во кој немаше ништо. Мене навистина не ми е јасно како сите оние кои се воодушевени од изгледот на Прага, Виена, Будимпешта, сите оние кои со воодушевување раскажуваат за тоа колку убави споменици и градби имаат тие градови се против тоа и Скопје да добие еден таков европски лик! Тука се новите музеи, театарот, новите булевари, двокатните автобуси, жичарницата на Водно... Сепак, мислам дека генерациите кои доаѓаат ќе знаат да го ценат и чуваат сето она кое што новото Скопје го носи со себе.

Превземено од Скопјеинфо