11 November 2013

СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД 37 ГОДИНИ ОПШТИНА КАРПОШ

Со изведба на државната химна на Македонија, во присуство на 700 гости, вчеравечер во хотелот „Александар Палас“, општинската администрација со пригодна свеченост ја одбележа 37 годишнината од постоењето на локалната самоуправа. На оваа манифестација присуствуваа претседателите и делегациите од збратимените општини, Тиват (Црна Гора), Стари Град и Травник (БиХ), Нов Белград, Врњачка Бања и Сремски Карловци (Србија) и други видни личности од културниот и политичкиот живот од Македонија и од странство. Во рамките на оваа свеченост градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски беше прогласен за почесен граѓанин на општина Тиват. Притоа, Јакимовски потпиша протокол за соработка со претседателот на Советот на Општина Сремски Карловци, Миленко Филиповиќ и со заменик претседателот на Општината Врњачка Бања, Андрија Боќанин, со што Општина Карпош официјално се збратими со овие две српски општини. Со овој свечен документ потписниците на Протоколот се обврзуваат дека врз основа на вистинско меѓусебно почитување, засекогаш ќе воспостават различни форми на соработка, размена на идеи за реализација на проекти од заеднички интерес во областа на економијата, културата, образованието, туризмот, спортот, заштитата на природното и културното наследство.

Потписниците на Протоколот ја утврдуваат заедничката обврска да придонесат кон развојот и јакнењето на локалните заедници, локалната самоуправа и нивната меѓусебна поврзаност, и да се збогатат сеопфатните односи и содржини за уште посилна и поуспешна поврзаност на луѓето и народите на двете општини. Во оваа пригода се обрати општинскиот татко, Стевчо Јакимовски, кој изрази задоволство од бурната година, во која локалната самоуправа успешно се соочи со своите предизвици. -Довербата од сé што беше сработено во изминатиот четиригодишен период, ја ставивме на проверка пред сите жители на Карпош. И заслужено победивме. Работевме многу, се трудевме многу и поддршката не изостана. Граѓаните избраа Карпош да оди по патот на развојот, на урбанизацијата, на осоврменување, на економски раст. 

Во чекор со светските трендови на енергетска ефикасност и еколошка заштита, во чекор со европското образование со глобалната хуманост и социјална инклузија, со демократизацијата и еманципацијата на општеството – истакна Јакимовски. Тој воедно ги посочи приоритетите на локалната самоуправа. - Отсега натаму ќе се фокусираме на поддигнување на развојна компонента. Во поддршка на крупни инвестициони проекти кои ќе донесат економски раст, поволен деловен амбиент, нови вработувања, и атрактивност на Општината. Ќе речете дека сме преамбициозни и си земаме премногу обврски. Јас не велам така дури повеќе, убеден сум дека можеме повеќе и знаеме повеќе, бидејќи граѓаните на нашата општина заслужуваат повеќе – додаде првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски.

Во рамките на оваа манифестација, Општина Карпош го прогласи македонскиот лауреат Михаил Ренџов, за заслужен граѓанин на локалната самоуправа за 2013 година. Овој голем поет и писател го доби карпошовото признание за своето животно дело и творење , оставајќи крупен белег со неговите незаборавни поеми ,,Полноќ’’, ,,Вечната бесконечната’’, ,,Потоп’’, ,,Сонуваме патуваме’’, притоа афирмирајќи ја Општината, како и Република Македонија. Роденденската ноќ ја одбележаа неодоливите звуци од виолината на музичкиот виртуоз Зоран Џорлев и прекрасната изведба на Националниот ансамбл ,,Танец’’. Извонредната атмосфера ја збогати настапот на Новосадскиот ансамбл ,,Зоруле’’, кој со својот богат репертоар ги воодушеви присутните гости. Денес претседателите и делегациите од збратимените градови на Општина Карпош беа во посета на Општината при што беа примени од градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Превземено од Општина Карпош