13 November 2013

ОПШТИНА КАРПОШ ГО ОДБЕЛЕЖА 13-ТИ НОЕМВРИ

По повод одбележувањето на 69 годишнината од ослободување на Скопје, денеска, висока делегација од Општина Карпош предводена од Стевчо Јакимовски, секретарот Владо Поповски и претседателот на Советот на Општина Карпош Сашо Лазаровски, положија свежо цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и пред гробот на генерал Михајло Апостолски.

Високата делегација од Општина Карпош им оддаде почит на паднатите борци, положувајќи букет-цвеќе и пред споменикот на ослободителите на Скопје, лоциран пред Владата на Република Македонија. На оваа свеченост присуствуваа градоначалниците од скопските општини, претставници на Дипломатскиот Кор во Република Македонија, претставници од владините институции и делегација на Сојузот на борци од Македонија. Во рамките на оваа манифестација, се обрати генералот во пензија, Тодор Атанасовски, кој пред присутните го истакна значењето на овој голем празник за градот Скопје и за нашата држава.

Превземено од Општина Карпош

11 November 2013

СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД 37 ГОДИНИ ОПШТИНА КАРПОШ

Со изведба на државната химна на Македонија, во присуство на 700 гости, вчеравечер во хотелот „Александар Палас“, општинската администрација со пригодна свеченост ја одбележа 37 годишнината од постоењето на локалната самоуправа. На оваа манифестација присуствуваа претседателите и делегациите од збратимените општини, Тиват (Црна Гора), Стари Град и Травник (БиХ), Нов Белград, Врњачка Бања и Сремски Карловци (Србија) и други видни личности од културниот и политичкиот живот од Македонија и од странство. Во рамките на оваа свеченост градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски беше прогласен за почесен граѓанин на општина Тиват. Притоа, Јакимовски потпиша протокол за соработка со претседателот на Советот на Општина Сремски Карловци, Миленко Филиповиќ и со заменик претседателот на Општината Врњачка Бања, Андрија Боќанин, со што Општина Карпош официјално се збратими со овие две српски општини. Со овој свечен документ потписниците на Протоколот се обврзуваат дека врз основа на вистинско меѓусебно почитување, засекогаш ќе воспостават различни форми на соработка, размена на идеи за реализација на проекти од заеднички интерес во областа на економијата, културата, образованието, туризмот, спортот, заштитата на природното и културното наследство.