04 December 2012

Со стратешко планирање до поголема транспарентност и подинамичен развој на општините

Заменикот министер за локална самоуправа, Сашо Лазаровски, во Скопје, го отвори циклусот на обуки за стратешко планирање во општините.

- „Целта е општините да ги зајакнат административните капацитети за стратешко планирање, со што ќе се обезбедат услови за квалитетно дефинирање на приоритетите и целите, како и на мерките за нивна реализација, во правец на обезбедување на подобри услуги за граѓаните и воопшто повисок квалитет на живеење во локалните заедници“, рече заменикот министер, Сашо Лазаровски.

Лазаровски ја истакна важноста од подигнување на нивото на транспарентност и отчетност во општините, како услов за добро управување, кон што ќе придонесе и оваа обука за стратешко планирање.

- „Изработката на квалитетни стратешки планови e основа за планиран и динамичен развој на општините, но и за транспарентно и одговорно планирање и трошење на општинските средства, истакна Лазаровски.

Обуките се реализираат во организација на Министерството за локална самоуправа и Генералниот секретаријат при Владата на Република Македонија, во соработка со ЗЕЛС.

Согласно барањата на Европската Комисија за зајакнување на квалитетот на стратешкото планирање и на локално ниво, со обуките ќе бидат опфатени сите 84 општини, а ќе се реализираат во осумте плански региони во државата.